Българско общество за проучване на ХVІІІ век

Интердисциплинарна научна конференция Просветеният смях (2-3 април 2004)

in English

Јасмина Мојсиева-Гушева

Светот на Чинговата смеа

 

Комичниот јазик и стил ја пренесува емоционалната, онтолошката и егзистенцијалната посебност на секој човек или етнос. Субјективните реакции упатени кон комичниот објект секогаш се сложени и зависат од многу фактори кои можат да бидат од историско, социјално, национално и индивидуално потекло. Оттука и разликите во смеата кај различни народи и во различни временски периоди. Таа зависи од културата, до времето во кое се остварува како и од индивидуалните карактеристики на личностите што се смеат. Сега станува јасна мислата на Февр Иронијата е ќерка на времето“. За припадници на различни временски периоди различни нешта се смешни. Она што е смешно за некого, за друг е нелогичност1. Секој од нас носи свои специфични карактеристики кои го чинат посебен. Искуството не учи дека нема ситуација која секогаш и за секого е смешна. Потврда за ова наоѓаме во Гетеовата мисла дека луѓето се разликуваат по она што им е смешно. За тоа како реагираат различните народи на шегата и за нивните менталитети Бергсон изјавува:Англичаните се смеат три пати, најпрвин заради учтивост, потоа кога ќе им ја објаснат шегата и на крај кога ќе ја сфатат. Германците се смеат два пати: отпрво заради учтивост, а потоа кога ќе им се објасни шегата, зошто никако не можат да ја сфатат. Французите се смеат еднаш затоа што веднаш се сфаќаат, додека американците никогаш не се смеат, затоа што шегата веќе ја чуле“.2 Хуморот е огледало на една култура. Ова став веројатно го поттикнал Проп3 да направи разлика меѓу хуморот на Французите кој го квалифуикува како симпатичен и досетлив(Анатол Франс), хуморот на Германците кој е несмасен (Хауптман), англискиот хумор кој е добродушен и подбивен (Дикенс, Бернард Шо), или рускиот хумот кој е горчлив и саркастичен (Гогољ, Шчедрин). А каков е хуморот на балканот? За да одговориме на ова прашање ќе ги искористиме истражувањата на Владимир Дворниковиќ објавени во неговата книга „Карактерологија на Југословените„4. Тој го определува Словенечкиот хумор како сатиричен (Цанкар), хрватскиот во кој евидентно е влијанието од германскиот е добродушен и ведар (Петрица Керемпух е една локализирана варијанта на Тил Уленшпигел), во босанскиот е одомаќинет ориенталниот шегаџија Насредин Оџа и често се базира на подбивање со разборитоста и интелектуалните способности (анегдотите за Мујо и Хасо), албанскиот е самокритичен повторно со фигурата на Насредин Оџа и дидактичен, српскиот е сатиричен (Нушиќ, Сремац, Домановиќ), грчкиот е ириничен (Никос Баколас), романскиот досетлив (Пакала и драмите на Караџали), бугарскиот остар и сатиричен (Алеко Константинов и Вазов), Македонскиот е досетлив и ироничен (Итар Пејо, Чинго, Лафазановски). Дури секој регион има свои специфичности кои се наоѓаат во основата на нивниот дух и карактер.

По овој краток вовед за различното восприемање на хуморот кај различни етнички групации и определбите поврзани со тоа, ќе се вратам на конкретната тема трудејќи се да дадем одговор на прашањето — каков е хуморот на македонскиот писател Живко Чинго. Имено, смеата ја изразува општата физиономија на културата на народите и ги покажува слабостите и силите на општеството во дадениот миг на еволуцијата. Токму тоа го прави и Чинго со својата специфична комика. Неговите личности ја совладуваат трагедијата на животот во постреволуционерното комунистичко време со иронија. Се поигруваат со новите реликвии на социјалистичкото живеење. Тие не веруваат ниту во бога, ниту во човекот. За свој начин на егзистенција ја избрале токму иронијата, преку која ги истакнуваат и откриваат долготрајните неправилности со кои луѓето не сакаат да се соочат. Таа е израз на слободен истражувачки и ведар дух, каков што е духот на еден од симпатичните Чинговите јунаци — Кејтен, од романот Големата Вода кој со цел да им ги предочи грешките на претпоставените, се разбира неможејќи дирекно да им се спротистави, се преправа дека ја прифаќа нивната идеолошка гледна точка. Тој го пригушува сопственото его, создавајќи лажен впечаток кај другите дека го фали и прифаќа она што токму го куди. Всушност, користејќи ја својата умешност тој ги тера своите противници да го увидат и надоместат она што за нив не постои. Како секој добар ироничар, тој го наведува другиот да го стори она што самиот би го сторил. Таа Кејтенова постапка ќе ги освести и натера сите негови противници да станат негови пријатели. Во неговата иронична постапка кога од главен бунтовник во Домот за сирачиња одеднаш ја прифаќа противничката идеологија вклучувајќи се во трка за што подобра карактеристика, може да се препознае една одредена тактика во однесувањето, во комуникацијата, односно во планираното исполнување на целта.

Слична иронична постапка е содржана во сцената на сослушувањето на еден друг Чингов јунак — детето Лем, од истиот роман, повторно поради непримерното шегување со претпоставената. На сослушувањето Лем не говори за да го изнесе своето мислење, бидејќи очигледно тоа и не може да го стори. Неговата цел е да избегне да одговори дирекно на прашањата. За да го оствари тоа тој повторно го употребува ироничниот код, зборувајќи од позиција на Другиот, но со потсмешлив тон. Или, кажано со речникот на Успенски5, овде се работи за инконгруенција на фразеолошката и идеолошката позиција, што е едно од типичните средства за изразување на иронијата. На фразеолошки план, Лем ја прикажува гледната точка на иследниците, додека на идеолошки план неговиот говор е предмет на авторовото вреднување или мислење. Се разбира дека при ироничното кажување понекогаш не е важно што ќе се каже, туку како ќе се каже. Лем ја користи итрината на иронијата како интелигентно оружје со кое се постигнува приближувањето до саканата цел. Кога Лем се преправа дека го прифаѓа кодот на иследниците, тој е свесен дека почнува да игра игра. Тој знае дека таа игра не го претставува реалниот живот и токму затоа таа за него не е фатална. Трагична е само за оние кои дозволуваат да бидат вплетени и фатени во неа.

Преплетувањето на трагикомичното во делото на Чинго е честа појава. Атмосферата во која не доминира ниту едната од овие две категории, туку нивната сложена симбиоза, претставува плодно тло за појава на гротеската. Според определбите на Тамарин6, станува збор за едновремена појава или едно мешано чувство, своевидна монтажа на диспаратни елементи на комично и трагично, грозоморно и привлечно, фантастично и бесмислено. Гротеската е монтирање на неспоивото, комбинација на знаци што припаѓаат на различни знаковни состави. Кога ќе се доведат во врска тие заемно се оспоруваат и така се создава гротескниот впечаток кој истовремено кај читателот предизвикува тегобност заради изобличувањето на природното, но и олеснување заради губењето на стерилноста, тага заради нарушениот идентитет, но и радост заради укинувањето на статичноста. Таа претставува составен дел од стилот на Чинго, која во одделни дела создава уметнички структури во кои се јавува како доминантен фактор. Таков е романот „Бабаџан’ каде доминира претераноста во сите сегменти и прекумерноста која води до изобличување. Најважна улога во формирањето на гротеската слика во романот покрај нарушените пропорции на телото на јунаците игра и изобличениот еротизмот, изобилното јадење, пиење и празнење. Целиот роман е преполн со описи на прекумерни гоштевања, со набројување прехрамбени продукти кои се продаваат на пазарите во Баска, со цели епизоди кои се однесуваат на потрага по млекото за гладното новороденче Бабаџан кое во недостиг на мајчино млеко ќе се храни со млекото на магарицата Арбулка. Спојувањето на диспаратните зооморфни и човечки форми, нивната невообичаеност е во основата на гротескното. Со инсистирањето на неочекуваните споеви (детето да биде доено од магарицата) се остваруваат апсурдните гротескни слики кои потсетуваат на нешто нечисто, што не му припаѓа на бога, туку на злите сили. Важно место во светот на сликите зазема претставувањето на гревовите, а мезалијансата на животните со човекот во сите нијанси ги симболизира оние кои се оддале на грев. Човекот ги добива животинските црти во ликот и конкретната мисла. Ваквото претставување кореспондира со толкувањето на Ото Бест7 кој суштината на гротеската ја гледа во идеолошко-религиозниот судир на божественото и дијаболичното. Според него создавањето на гротескното е обид демонското во светот да се анатемиса и да се отвори патот на новата ориентација на победоносниот номинализам. Категоријата на горотескното пренесена во просторот на човековото тело се толкува како израз на неуништливата животна сила. И сето тоа, според толкувањето на Бахтин8, е поврзано со совладувањето на границите помеѓу телото и надворешниот свет или на границита на старото и новото тело. Исто така, некоја духовитост би требало да се најде и во натрупувањето на изразите за квалитетот на млекото: млекото миризлија да мирисат постанојна, карпузојна, пепунојна, салатојна, благојна, каква кашлица, каков бутур, кога на детето му се опулија очињата, кога му се фати за душата, мајчино да му беше толку не ќе му се сладеше9. Покрај комичноста на искривоколчените употребени изрази, овој пасус делува сожалувачки потсетувајќи на несреќната судбина на новороденчето, кое е препуштено на доилката магарица, и повторно на виделина избива трагикомичниот израз кој ја гради гротескната слика. Таа се осамостојува во совршеното комично негирање на светскиот поредок и на силите кои го детерминираат човековото постоење.

Гротеската во овој роман може да биде разгледувана и од позиција на традицијата на барокното изразување, затоа што Чинговиот стил во овој роман може да се нарече бароктен. Во тој случај, гротеската може да се согледа во игрите на пропорциите, во претераните натрупувања на детали, во долгите страници набројувања кои претставуваат суштинска комична манипулација со стварноста заради создавање на новиот нестварен свет во кој секој детал може да добие колосални размери. Искривоколчено делуваат долгите набројувања на приказните кои се продаваат на пазарот во Баска10, списокот на цицаните и прецицаните од бабаџановскиот сој,11 земјите низ кои се шири бабаџановата смеа,12 набројувањата на загинатите браќа во Машаловската буна13. Дигресиите кои се вметнуваат во основниот тек на дејството, имаат слична функција. Исто како и целата композиција на романот која можеме да ја определиме како асиметрична, хаотична, непланска. Сите овие одредници, не водат до констатацијата за постоењето на еден вид чудно отстапување од прифатените норми. Ваквите отстапувања се движат во два правца. Едните ги сочинуваат споредбите насочени нагоре во висините на човековиот хуманизам, повеќепати акцентиран во романот, а другите се насочени надолу кон телесноста и нискоста на вулгатноста. Всушност токму диспаратноста на неочекувани нешта и нивното спојување ја чини суштината на комичното. Во такви околности се создава напнатост која подоцна се трансформира во релаксирано растеретување кое како предуслов за ментално здравје и ефикасност е основна функција на комиката.

Говорејќи за функциите на хуморот треба да истакнеме дека основата на хуморот на Чинго, застапена во сите негови дела, е со хуманистичката ориентација. Неговиот хумор упатува на самопочитување, но покажува и јасен социјален карактер. Преку хуморот Чинго ја пронашол формулата за изнаоѓање компромис меѓу самопочитувањето и универзалните вредности. Работата на хумористот всушност е смирување на спротивностите. Тој игра важна улога во надминувањето на разочарувањата и стравот и помага полесно да се поднесе и надмине кризата. Во хуморот стравот треба да биде уништен уште од самиот почеток. Хумористичното нема за цел да влее страв, иако смеењето на земјата според Бахтин, го испратил самиот ѓавол. Функцијата на Чинговиот хумор е да се уништи се што е конвенцијално, да се исмева со цел да се подобрат нештата, да се деградираат официјалните нешта. Во говорот на Чинго таа деградација се постигнува со употреба на говорни досетки што се базираат на звучни поигрувања „Речи пресечи, биди маж ко петелот наш„14 или „Умот дојде, кумот сјојде„15. Истото се остварува и преку употреба на необични имиња за ликовите, со кои се нагласуваат комичните особини на јунаците што се опишуваат. Такви се ликовите на Капката-чесниот човек, Ербаповски-човек од Европа, Ачикот-несреќата, Трајче-штрајкче и т.н. од Чинговата хиперболизираната сатира „Работници„. Скриената смисла и тајна на гозбите на претераното јадење и пиење од романот „Бабџан„ се состои во дијареа. Таа е средство за понижување. Се понижува целото турско царство преку прикажувањето на гозбата приредена во чест на султанот во градот Солун. Со комичните настани како оној во романот „Глемата вода„ кога на другарката Оливера Стрезовска и ги снемува црвените гаќички што ги облекува само на значајни празници, само се исмејува суровоста на власта. „По фотографиите со ликот на генералисимусот, гаќичките и беа нешто најсветло во нејзиниот живот. Добро си спомнувам, за црвените гаќички на другарката Оливера Стрезовска се говореше со почит со општествено, политичко и морално уважение„16. Односот на Оливера Стрезовска кон своите црвени гаќички сам по себе е комичен бидејќи не прилега на нејзината строгост и крутост, на што се надоврзува и нејзината детинеста реакција на избезуменост при нивното снемување. Слични се и реакциите кога дознава дека некој на портретот на генералисимусот му ја бојадисал левата страна од мустаќот со бела боја. „Замислете си, тоа нејзе да и се случи, на нејзиниот љубен, сакан, мил, најмил , светол, најсветол лик...„ Се фрла на душеме и со вода и шеќерче ја повратуваат. Потоа следат реакциите на управникот на домот: „Другарке Оливера Стрезовска — со толку милозлив и добродушен глас ја довикуваше — крени глава душичке, не жалости го општото дело, не умирај, не умирај мила другарке, не напуштај не во цветот и летото на твојата младост, не жалости го општото дело, прибери сила како секојпат, стани смело„17. Комични се чинат ваквите реакции на овие тврдокорни луѓе кои во себе го немаат ниту основното чувство на алтруизам.

Во сета своја суштина комичното кај Чинго може да се сведе на критика на побуна против злото, неправдата, порочноста и деформациите во општеството. Чинго со посредство на хуморот укажува на манипулациите и лагите со кои се служат општествените институции, но и поединците од новата социјалистичка власт. Преку хуморот тој зборува за она што обично останува потиснато, покриено со наслаги, запретано и попречувано од општествената лага. Обидувајќи се интегрално да го согледаме творештвото на Чинго можеме да констатираме дека елементот на трагикомичното суштински е вткаен во неговата проза. Покрај студенилото што ќе го почувствуваме по некој трагичен настан, искуството не учи дека Чинго необично брзо воспоставува рамнотежа воведувајќи го комичното, некогаш како цинизам (расказот Смртта на градинарот), гротескни раблеовски претерувања (романот Бабаџан и драмата Сурати) друг пат преку иронија (романите Големата вода, Сребрените снегови, и Ал), општествена сатира (драмите Образов, Кенгурски скок, Под отворено небо и Работници). Ваквата сложена копозитност му овозможува реално да го изнесе распаѓањето на вредностите, да ја избегне патетичноста девалвирајќи ја возвишеноста на мигот со внесување на необични и комични дигресии.


1 Проблемот е во тоа што не постојат утврдени правила меѓу комичниот објект и човекот што се смее.

2 Smeh vekova, sostavil, Slavko Krušnik, Džepna knjiga, Sarajevo, 1959, str. 73.

3 Prop V. Problemi komike i smeha, Novi Sad, 1984, str.30.

4 Дворниковић, Владимир. Карактерологија Југословена, Просвета, Београд, 2 000, стр. 582.

5 Uspenski, Boris, Poetika Kompozicije, Nolit, Beograd, 1979, str. 147.

6 Tamarin, G. R. Teorija groteske, Svetlost, Sarajevo, 1962.

7 Best, Oto. Groteskno u pesništvu, Reči, br.10, 1995, str. 76.

8 Bahtin, Mihail. Stvaralaštvo Fransua Rablea i narodna kultura srednjeg veka i renesanse, Nolit, Beograd, 1978, str. 334.

9 Чинго, Живко. Бабаџан, Избрани дела кн. 4, Култура, Скопје, 1992, стр. 93.

10 Ibid, стр. 23.

11 Ibid, стр. 69 и 206.

12 Ibid, стр. 100.

13 Ibid, стр. 288.

14 Чинго, Живко. Избрани дела, том 5, Култура, Скопје, 1992, стр. 440.

15 Ibid, стр. 445.

16 Чинго Живко. Избрани дела, том 3, Култура, Скопје, 1992, стр. 87.

17 Ibid, стр. 91.

 

ДружествотоКонференция

горе