Българско общество за проучване на ХVІІІ век

Научна конференция Пари, думи, памет (3-4 април 2003 г.)

in English

Јасмина Мојсиева-Гушева
(Скопие)

Интелект и добивка

 

Своето излагање ќе го започнам со општата констатација дека една појава секогаш може да биде набљудувана на два начина. Може да се разгледува онака како што главните носители (оние што ја креираат) би сакале да биде интерпретирана, изнесувајќи ги и потенцирајќи ги само позитивните страни. И вториот начин, нештата да се набљудуваат и да бидат сфатени во вистинско светло, без сокривање на нивните маани. Првиот начин се покажува како ограничен, фрагментарен, недоволен, недоследен во историската анализа. Токму затоа во ова oбраќање ќе се обидеме да бидеме објективни, директни, без искривоколчување. Ќе се обидеме најпрвин да ги изнајдеме врските помеѓу парите, паметта и зборовите, а потоа ќе се потрудиме да откриеме колку е можно во практика да се имплементира добиеното теориско сознание, како се одвива и кои се тешкотиите на кои наидува целиот тој процес на имплементација во општествената структура на еден период, кој се протега неколку децении наназад.

Парите ја откриваат својата суштина како еквивалентна мерка на сите материјални вредности и како такви функционираат како квалитативна и квантитативна мерка за вредност. Уште подобро тоа го оценува H. Becque1 кога вели: „Се восхитуваме на талентот, на храброста, на добрината, на хуманоста, на големите должности, но ги почитуваме само парите“. Инсистирањето на важноста и функционалната вредност на парите секако дека може да биде подложено на заслужена критика. Сепак, мошне тешко е да се отфрли овој аргумент за значењето на парите, кои претставуваат составен дел на нашиот живот2 и како што посочува грчкиот филозоф Крентор: „Тие се коренот на сите нешта“. Размислувајќи, во глобални рамки, за универзалноста на парите доаѓаме до една општа констатација дека сфаќањата за парите се поврзани со два вида факти. Првите се однесуваат на етичките сфаќања, а вторите се видови истражувања, кои би ги нарекле „научни“, употребувајќи го овој збор во најширока смисла. Етичкото размислување за нештата е одредено од искуственото знаење, кое може да биде неверодостојно, субјективно, додека секое објективно одредено знаење припаѓа во областа на науката. Ќе се обидеме во натамошното излагање ова сфаќање да го аргументираме и засега ќе го оставиме настрана бидејќи најпрво треба да ги доведеме во врска трите сегмента од насловот.

Тргнувајќи, повторно, од општото сознание дека човечкото дејствување може да се подели на инструментално и комуникативно3, што пак претставува нова интерпретација на старото марксистичко сфаќање за односите во општеството, кои се делат на основни-практични и на идеолошка надградба, соодветно доаѓаме до заклучокот дека идејата за односот помеѓу инструменталното и комуникативното дејствување, која потекнува од Хабермас, стои истоветно како однос помеѓу интересот и сознанието, односно добивката и интелектот, или колоквијално кажано парите и паметта.

Tретиот сегмент - зборовите го среќаваме само во сферата на неусиленото разбирање меѓу луѓето. Тој се развива преку симболичко посредство на интеракции помеѓу општествените субјекти, кои заемно се осознаваат и признаваат. Но, има и практична форма претставена преку реториката на политичарите потребна за добивање на власта и парите. Со други зборови, свесни дека сознанието е сврзано за јазичното посредување во општествените интеракции, како и за категориите на човековиот труд4 (работа), ја согледуваме неопходноста од постоењето трет сегмент - зборовите, кои се еден вид сврзувачки мост помеѓу идеологијата и практиката. Тие учествуваат во процесот на постигнување единство помеѓу овие две категории во својство на основна алатка.

Единството помеѓу теоријата и практиката во општествениот современ живот е еден од главните проблеми. Се поставува прашањето како да се воспостави осмислен однос на научните сознанија и практиката, односно парите да се употребуваат за разумни цели. За решавање на ова прашање се залагаат и претставниците на филозофскиот Франкфуртски круг5 „но не на позитивистичко прагматички начин, кој ја претвора теоријата во обичен инструмент на практиката, туку преку истакнување на начелото на умот“, како што забележува Хабермас6.

Секако дека треба да се држиме до уверувањето оти светот треба да се преуреди по умни начела. А умот, како што е познато преку интерпретацијата на научните револуции на Томас Кун7, се изградува во општествените отпори и конфликти, т.е. во борбата против одредени општествени состојби и идеологии, и носи развој во синџирот на перманентните промени предизвикани од некои претходни промени на составните елементи. Со ваквата динамичка поврзаност се овозможува позитивно придвижување нанапред, при што сите компоненти, спомнати во насловот, можат да предизвикаат и предизвикуваат различни промени. Денес сме сведоци на тие предизвикани промени што се одразуваат во етичките верувања, во стилот и начинот на современото живеење.

Од денешна перспектива, на владеењето на разумот не треба да се гледа како на емпириска верификација на поставената хипотеза на корелативниот однос: зборови, пари, памет, туку како на теориско промислување и сè уште само обид за разбирање на смислата на промените што го следат современиот свет. Она што радува е сериозното поставување на ова прашање, односно согледувањето дека науката почнува да се занимава со проблемите на единката и нејзините цели8 за исполнет и вреден живот.

Имено, во анализата на односот помеѓу општеството и поединецот, денес критичарите и теоретичарите констатираат сè поголема надмоќ на општеството над поединецот. Поединецот станува беспомошен, неговата индивидуалност и слобода постојано се намалуваат. Со развојот на техничкото знаење, кое е потребно за одржување на општествениот поредок, се губи и се обезличува поединецот како конкретна индивидуа со свои специфичности. Нашите лични денешни искуства на почетокот од информациското општество, како и историско-општествените случувања од минатото, како што се појавата на национализмот (Хитлер) во Германија, теоријата и практиката на социјализмот во источноевропските земји (Сталин, Tито, Живков), наполно разочаруваат потврдувајќи ја нерационалната употреба на технизацијата. Истото се случува и во Северна Америка - во земјата на висока технологија и масовна потрошувачка – каде што политичките структури по своја волја манипулираат со човекот наполно поткопувајќи ги сите негови надежи. Денешната глобализација, присилните наметнувања на свои модели, употребата на двојни аршини, неправдата, изгледа дека теориски најдобро ја сумирал германскиот филозоф Хоркхајмер9, кој образложува дека умот (паметта) се остварува само во својот инструментален вид. Таа е затемнета, затоа човекот денес се враќа во варварството, во епохата на принципите на сила, на принуда, на жестокост, без почитување на хуманитарните вредности. До истиот заклучок дошол и Маркузе10 во делото „Еднодимензионален човек“ надминувајќи ги Марксовите тези за решавачката улога на општествено-економските и класните противречности во граѓанското општество, со една нова теза за усидреноста на идеологијата во самиот процес на производство, која манипулира и со самите производи во индустриското општество. Технологијата и воопшто научната рационалност се поврзува со политичката рационалност, која се карактеризира со инструменталност и манипулативна моќ. Затоа денес велиме дека е битно само целосното господарење, тоталното управување не само врз индивидуите туку и врз цели народи, воведувањето неоколонијализам по разни поводи и изговори, а сето тоа се потпира врз иманентниот карактер на науката и на нејзината примена во технологијата и другите манипулации.

Денес повеќе вредностите не доаѓаат од работниот процес, од научните и сознајните напори, од развитокот на комуникациските вредности, јазичните остварувања, од постигнувањето во системот на образованието, од нивото на културата. Сега доминантна улога играат средствата за масовна комуникација, јавното мислење, кое се манипулира со софистицирани пропагандни активности, разни фалсификати. Сето ова е можно поради отуѓеноста на консументите, кои ги присвојуваат презентациите по себе, без можност за проверка. Отуѓувањето, кое е проблем на современиот човек, изнудува безрезервна претстава. На ова ќе ја надоврземе Русоовата11 теза дека злото секогаш ја има формата на отуѓувањето што го прикажува, на непостојаноста и превртливоста на претставите. Русоовото мислење е критика на претставите како во лингвистичка така и во политичка смисла. Тој ги критикува претставите за губењето на присуството, за разликите во прикажаното, така што тие се трансформираат во случај или средство со кое се врши манипулацијата. Затоа, според него, политичката слобода настанува во часот кога е прекината моќта на оној што претставува и кога е пренесена на прикажувачкото.

Нашата култура веќе ги прима обележјата на фељтонистичката култура, популарна, фрагментарна, забавна, без сериозни претензии, и со тоа ја губи длабочината и станува ефемерна. Денешното општество ги добива карактеристиките на софистицирано технолошко општество, кое ги изгубило старите вредносни системи наследени од древните антички периоди. Некогаш вредносните системи се сметале за непроменливи константи, кои доаѓале од божествата. Со текот на времето вредносниот систем претрпува динамички промени. Во тој процес на менување постои опасност од голема симплификација и шематска интерпретација на проблемите. Во целиот контекст на менување на вредностите се истакнува улогата на технолошките и економските фактори и нивниот карактер и влијанија. На сметка на тоа се обезвреднуваат хуманистичките постулати, за кои денес има сè помалку заложби. За да се избегне ваквата состојба, несомнено треба повторно да се постави афирмацијата на хуманистичката ориентација, која полека се напушта кога станува збор за интерес, разни форми на профити и корист.

Денес е актуелно прашањето на односот помеѓу знаењето и моќта, развиената техника и можноста за демократско функционирање, односно односот помеѓу научните стручњаци и политичарите. Научниците го имаат главниот збор во решавањето на теориските и практичните прашања, кои се однесуваат на остварувањето на некоја техничка идеја, каде што политичарите решаваат само фиктивно, и тоа во изградбата на финансиската конструкција. На прв поглед, функционира моделот каде што знаењето и моќта, односно односот помеѓу стручњакот и политичарот е заемен, меѓутоа конкретната употреба (особено за воени цели) е исклучиво во рацете на политичарите. Во нивни раце се парите што им ја даваат моќта на управување. Ваквиот дисбаланс помеѓу творците на теориските согледби и оние што решаваат во практиката доведува до многу аномалии. Нивното одбегнување е можно само преку воспоставување соодветен однос помеѓу нив, што од своја страна е тешко остварливо токму поради постоењето на двете различни категории луѓе.

Имено, во поглед на интересите, луѓето можеме да ги поделиме на два вида: на оние што никогаш не се издигнуваат до полното чувство на својата слобода и апсолутна самостојност и самите себеси се поставуваат во зависност од предметите (стоки) или од еквивалентите на стоките – парите. Тие ја имаат само таа самосвест што е сврзана за објекти. Нивната слика за светот се остварува само преку објекти што им служат како некое огледало за успешноста. Доколку тие објекти се отуѓат од нив, во истиот миг заедно со нив се губи и вредноста на сопственото јас, вербата во својата личност, небаре тие луѓе постојат единствено заедно со своите предмети. Оној што е само продукт на објекти е навистина зависен од нив и од надворешниот свет. Тој е подложен на многу промени и никогаш не може да ја почувствува слободата. Но, постои и друга категорија луѓе (веројатно нивниот број е помал), кој по задоволувањето на основните егзистенцијални потреби се свртуваат кон својата самостојност и независност. Ним не им се потребни предмети-објекти, како потпора за нивната личност. Не им се потребни бидејќи само ја укинуваат нивната самостојност, ја претвораат во празен привид. Тие единствено веруваат во себеси, во својата самостојност, во слободата на изразување на своите склоности. Афективното врзување за самостојност и покажувањето интерес за слободата ги остваруваат само луѓето-интелектуалци, чии поттици за слобода, самостојност, сознајни интереси, совесност, моралност се категорички императиви. Само човекот што сознава е свесен за своите категорички императиви, бидејќи сознавањето секогаш се врзува за слободата како што интересот за богатењето го исклучува интересот за сознавањето. Интересот за објектите мора да биде сфатен како момент туѓ на теориските знаења за хуманост, за правичност, моралност, совесност. Тој доаѓа однадвор и го поматува објективното сознание, бидејќи како што е традиционално познато карактерот на чистата теорија на сознанието принципиелно се одделува од сознанијата за практичната животна поврзаност. Употребата на практичниот ум е противречна со контемплативните поими на сознавањето. Токму поради тоа е многу тешко во практика да се спроведе постапката на осознавање како средство за еманципација. Особено денес, во периодот на изместените општествени услови, кога интелектуалците се слеваат со масите, многу тешко е да се постигне или одржи веќе стекнатата независност. Љубопитноста нè тера да се запрашаме дали е тоа неминовно и зошто е тоа така во денешно време?

Во интерес на разрешувањето на прашањето зошто интелектуалецот станал конформист, опортунист, зошто е апатичен и не реагира на негативните општествени појави, туку станал „потрошувач“ а не производител на историјата, зошто не е револуционер, зошто не е храбар и други слични прашања, ќе отвориме расправа откако ќе се задржиме на образложувањето на општествените услови и промени во кои запаѓа светот. Знаејќи дека карактерот на индивидуите, да се изразиме со јазикот на математиката, е функција од даденото општество, не нè зачудува што неговото однесување е под влијание на низата негативни општествени случувања. Денес индивидуите се под постојана општествена и историска условеност и тие своите ставови и насочености ги формираат првенствено под влијанија на општествените групи и случувањата во тие групи. Личностите се моделираат на етички, дури и на културен план во зависност од општествената структурираност и општествените системи на кои припаѓаат. Некогаш традиционално на нашите простори основната диспозиција за формирањето на карактерот на некоја индивидуа било градењето на етичките принципи: чесноста, вистинољубивоста, праведноста, хуманоста, храброста итн. како манифестација на правилни индивидуални одлики (карактеристики). Овој контекст денес се менува и настанува еден сложен процес на промена на вредностите. Денес како реално постоечки феномен се промовира ерозијата на традиционалните морални вредности. И сега, важно е да се има, да се поседува. Се формира став дека парите оправдуваат сè, секоја постапка. „Моралната личност“ сè повеќе ја губи вистинската, примарната, општествена вредност и стремежот се свртува кон општествените вредности, кои се наметнуваат како неминовни. Човечката положба станува релативно лабилна бидејќи веќе не важат фиксираните општествени структури. Луѓето веќе не се насочени кон статичките состојби како во добрите древни времиња, туку сè се динамизира. Во времето на интензивна експанзија на односите со другите, се формира нов тип човек насочен кон надвор и кон сопствените интереси, на прво место кон сопствените парични интереси.

Сè се потчинува на променливите политички системи, кои стануваат мерила како за општите ставови така и за мислењето и чувствувањето на поединецот. Индивидуите стануваат деперсонализирани, конформистички настроени, потчинети на јавното мислење, бидејќи поединецот се чувствува сигурен само кога неговото сфаќање соодветствува со сфаќањето на другите, кога „не се подава“, „не паѓа во очи“, кога е наполно вклопен во анонимната маса на потрошувачи на историјата. Конформизмот станува идеал на современиот човек, кој е подготвен да ја жртвува својата индивидуалност поради желбата за наполна интеграција во општеството. Тој секогаш го бара друштвото на другите и копнее да се слее со масата, како токму тие да се критериум за сите постапувања. Постојано е изложен на погледот на другите, па сепак тој денес е поосамен од кога и да било, чувствувајќи се наполно изгубен во масата информации и полуинформации, свесно жртвувајќи го своето „Јас“ на олтарот на тоталитарноста.

Од сето ова горенаведено се гледа дека промените што во последните години се случуваат во светот иницираат промени и во релацијата сознание–интерес. Различните типови сознанија и науки одговараат на различни интереси, и vice versa определени интереси продуцираат соодветни сознанија. Теориските размислувања на Хабермас дека светот може да се измени според начелата на умот останува да се реализираат во иднина, кога ќе се достигне некое од понапредните нивоа на научните сознанија. Според него, тоа е можно дури во третото ниво12 на сознание, во науката на критичката теорија, кога науката и практиката, сознанието и интересот ќе се совпаднат, така што науката навистина ќе стане средство за еманципација, и дури тогаш ќе дојде до вистинско поврзување на општото и посебното, на единката и општеството, на теоријата и практиката, на интелектот и добивката.

 


1 Leksikon mudrosti, (sobral Matošić, Joe), izdanie na avtorot, Zagreb, 1960, str, 251.

2 Финансирањето може да се сфати како еден специјален начин на вреднување кој може да егзистира само како интегративен дел од севкупниот општествено-политички живот на една земја.

3 Се прашуваме дали сите добра можат да се сведат на категориите духовно и материјално и дали таквата поделба е само производ на нашата традиционална љубов кон среденоста, избегунувајки го хаосот.

4 Трудот не треба да се сфати единствено како емпириска верификација на поставената хипотеза на корелативниот однос: зборови, пари, памет, туку и како теориско образлагање на промените кои тие ги предизвикуваат.

5 Најистакнати припадници на Фракфуртскиот круг на фолозофи, социолози и психолози се Јирген Хабермас, Макс Хоркхајмер, Херберт Маркузе, Теодор Адорно, и др.

6 Habermas, Jirgen. Saznanje i interes, Nolit, Beograd, 1975.

7 Kun, Tomas, Struktura naučnih revolucija, Nolit, Beograd, 1974.

8 Поседувањето и постигнувањето на целите ја дава смислата на животот и ја прави единката повредна. Целите кон кои се стреми единката во еден момент се доживуваат како потреби подредени според хиерархиската организација еднаква за сите луѓе. На прво место според нивната примарност се наједноставните, најсилните, најочигледните физиолошки потреби, потоа следуваат потребите за сигурност, потоа потребите за припадност и љубов, на четврто место стојат потребите за самопочитување, а дури потоа потребите за самоактуализација.

9 Horkheimer, Max, Pomračenje uma, Veselin, Masleša, Svetlost, Sarajevo, 1989, str.159.

10 Marcuse, Herbert, One-Dimensional man, Becon Press, Boston, USA, 1968, p. 156.

11 Rousseau, Jean, Jacques, Društveni ugovor, Zagreb, Školska knjiga, 1978.

12 Според Хабермас првото ниво насочено е кон техничкото располагање, второто на практиката во смисла на комуникација.

 

ДружествотоКонференция

горе